Струмичкиот Народен театар од Меѓународниот театарски фестивал на монодрама – Соло Акт во Габрово, Р. Бугарија се врати со две награди за претставата КРОТКА од Фјодор М. Достоевски.
Награда за најдобра сценографија за Никола Пијанманов и награда за најдобра авторска музика за Ставро Ангелаков!
Театарската критичарка од Бугарија, Гергана Трајкова напиша во билтенот на Фестивалот:
Сценографијата во претставата КРОТКА е аскетска, но многу наелектризирана: маса со тело покриено со црвена ткаенина, прозорец кој се чини дека стои како отвор кон задгробниот живот или кон можноста за спасение и икона која го фиксира погледот и значењето. Визуелната врска помеѓу прозорецот и жената е особено моќна – таа станува и знак на нејзиното отсуство, но и последна точка на контакт. Просторот не е само позадина и фон, туку активен учесник во процесот на размислување на главниот лик.
Живата музика игра клучна улога во градењето на атмосферата. Тапаните и гитарата не ја придружуваат акцијата, туку ја кинат, ја напрегаат, дури и ја „гребат“ создавајќи релјеф. Во звукот има нешто сурово и телесно – како самата мисла на ликот да „чади“, да гори во моментот на зборување. Ова создава силно чувство на внатрешна напнатост, од која тешко се наоѓа излез.
,,Кротка” е во режија на Дејан Ангелов, со Стојан Трн Велков како актер во монодрамата. Претставата е копродукција на НУЦК Антон Панов и Здружение за култура Транзен. Претставата има добиено уште една меѓународна награда на Интернационалниот фестивал Алба Моно во Албанија за најдобар актер.