Крвавиот 27 април 2017 година

2 мин. читање

Настаните од 27 април 2017 година беа кулминација на долгата политичка криза по изборите во 2016 година и застојот во формирањето на нова влада. Додека пред Собранието траеја протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“, парламентарното мнозинство во тензична атмосфера го избра Талат Џафери за претседател на Собранието. Овој чин, оспорен од опозицијата како нелегален, беше непосреден повод за револт кај толпата. Дел од пратениците на тогашната опозициона партија ВМРО – ДПМНЕ ги отворија вратите на собранието по што разгневената толпа влезе во законодавниот дом.

Главниот настан помина во знакот на хаос и насилство во прес-салата, каде што демонстрантите физички нападнаа пратеници и новинари, нанесувајќи им тешки повреди на неколкумина политички лидери. Како последица на овој упад, меѓународната заедница го призна новиот собраниски претседател, што овозможи разрешница на кризата и формирање на нова влада. Во годините што следеа, настанот доби правен епилог со бројни судски процеси и затворски казни за дел од учесниците, организаторите и структурите во МВР поради загрозување на уставниот поредок.

Не цели две години подоцна, дел од пратениците кои учествуваа во отворањето на вратата на законодавниот дом и ескалирање на ситуацијата, учествуваа и во процесот на промена на уставното име на државата, давајќи ги неопходните гласови за тоа да се случи и помагајќи ѝ на тогашната коалиција предводена од СДСМ.

Извор:
Facebook видео од настанот на DW