Диџеј Ахмет, филм на Георги Унковски

Ѓургица Костадиновска – (професорка по македонски јазик и литература и филмски рецензент)

3 мин. читање

„Диџеј Ахмет“ е едно од оние мали филмски чуда кои те фаќаат апансаз, а те оставаат со тивка насмевка. Нежен, разигран и мек, но пред сè визуелно спакуван како бонбонче. Секоја сцена изгледа како посебна фотографија, има кадри што можеш да ги стопираш во секоја секунда и да ги закачиш како рамка на ѕид.

Она што Наум Доксевски го прави зад камера е поезија: светлото, боите, композицијата, смиреноста на кадарот, сето ова создава филм што не го гледаш само со очи, туку го впиваш како чувство. Природата и луѓето во неа не се само декор, туку жив организам. Селото живее со една тивка интимност, со ритам кој зрачи со пркос во секој кадар.

Георги Унковски ни дозволи да ѕирнеме во една приказна за млади луѓе, во едно рурално, речиси заборавено место како Али Коч и да посведочиме за луѓе кои одбиваат да бидат уште една бела овца во стадото. Лајтмотивот на розевата овца е симбол на инает, храброст и различност. Тој лајтмотив постојано се провлекува низ филмот како боја што не може да се испере, како боја што им го разубавува животот.

Во средина каде традицијата тежи како камен на градите, каде што сите знаат „КАКО ТРЕБА“, а ретко кој се прашува што навистина САКА, младиот Ахмет, неговото слатко братче Наим и убавата Аја се оние што одлучуваат да дишат поинаку. Да живеат со полни гради, да бидат современи, разиграни, слободни. Нивниот пркос не е бунт заради бунтот, тоа е потреба за живот, за боја, за музика, за љубов. За розево, а не црно и бело секојдневие. Преку ова визуелно богатство најсилно се чувствува збунетиот, но храбар пат на „розевата овца“ преку детето што сака да биде диџеј, девојката што сака рејв наместо тутун, на тивкиот брат што само сака да не е сам, на таткото што ќе научи дека љубовта не може да се стави во шаблон.

Приказна за различноста во свет кој обожава еднаквост. За кирилица во латиничен свет. За младоста што сака да се обои со огномети на небо, а не со прашина. А понекогаш токму различноста е таа што го спасува семејството, селото, а можеби и целиот живот.

Филм што се гледа со насмевка, а завршува со длабока, тивка воздишка. Филм што останува.