Јовче Пандев – музичар

(разговорот го водеше Никола Пијанманов)

4 мин. читање

Јовче Пандев, музичар, но јас те запознав како актер во една извонредна улога во „Лекција“ на Јонеско, 2016 година во режија на Коста Ангов. Тогаш мислев дека ќе продолжиш со глумата. Помеѓу актерството и музиката како се реши за музика?

  • Мислам дека за вакви или слични одлуки каде ќе припаднеш, одлучува потсвеста човечка, целосно индивидуално, засебно и различно кај секој. Која мислам дека потекнува од нераскинливата соработка на тоа, што му е потребно на Бога, работејќи што најдобро се чувствуваш и во што ќе бидеш најкорисен за човечкиот род. Не е тоа реско донесена одлука. Да речеме, немаш појма како точно, се избиструва таа информација во твојата глава. Само чувствуваш.

Живееш на пат Скопје-Босилово-Струмица, но имаше и настапи во повеќе градови во земјава. Како е да се биде постојано во движење?

  • Да се биде во движење со смисла и цел која ти прави радост е многу лесно, дури и мотивирачки. Стотици и илјадници километри, не е важно. Ама ако ти „скисне” од рутински патувања и до продавница е тешко да се оди. Седиш едно 7-8-10 дена во исто место и поминува. После пак јаваш. До наредното „скиснување”.

Првиот албум помина со одлични препораки и коментари од музичкиот свет, но и од љубителите на македонската рок музика. Задоволен ли си самиот од студискиот албум и од процесот во студиото?

  • Задоволен сум. Конечно тоа е патот кој води безбедно до следните дестинации. Кој знае какви ќе бидат. Ама многу е важно што сигурно ќе стигнеме. До сега тоа беше густа шума, сега е пат. Само треба да се оди без да се двоумиме. Затоа сум задоволен од албумот и процесот. Благодарни сме на сите. Фала, фала, фала!

Каква е разликата од настапите низ клубови до процесот во студиото каде пристапот е аналитичен, супериорен, да не речам академски (без грешки). Дали губи спонтаниот звук…

  • Да не бидам многу радикален ама мислам дека разликата е целосна. Тоа за мене се два различни света. Тоа е како хемиска лабораторија, во која тука и таму нешто светка и огномет на некој пивофест или слична манифестација. Речиси тотална разлика.

Јовче, какво е твоето видување на вашата генерација? Покрај дигиталниот свет, има ли уште млади луѓе кои сакаат да слушнат сува гитара, глас кој трепери, крик и бунт.

  • Секако. Имун нема на таквата форма, во кој и да е музички правец. Само, моментално е тоа потиснато од тренд кој има силувачка природа и времен карактер. Не се плашам, гитара и вокал е 7ца на лото во секое друштво, на секој концерт, жива свирка…во било кој размер.

На повидок е вториот албум. Рано е да се зборува или ќе ни дадеш еден интро во содржината на новиот материјал?

  • Ова ќе биде тотално ослободување. И ќе се чуе во изразот. Со душа чекам да му го видам лицето и да го слушнете. Содржината е сува и остра. Има време, се работи, убаво.

Одговорите се кратки, но прецезни. Рокерски. Ти благодариме и до следно видување и читање.