Социјална стабилност или недомаќинско работење?

3 мин. читање

Теоретски, јавните претпријатија не се примарно создадени за да акумулираат профит, туку за да ја максимизираат социјалната благосостојба – максимална достапност на услугата за сите граѓани. Од овој аспект „планираната загуба“ може да се смета за свесна одлука на државата или општината да ја субвенционира цената на чинење на одредена услуга за доброто на јавноста. На пример, ако градскиот превоз работи со загуба, државата или општината ја покрива таа разлика од буџетот, сметајќи дека придобивките како помало загадување, помал сообраќаен метеж и мобилност на сиромашните слоеви се повредни од самата финансиска дупка во претпријатието. Во такви случаи, загубата всушност претставува индиректна инвестиција во социјалната стабилност и квалитетот на животот.

Сепак, постои и спротивна теоретска и практична страна која предупредува на опасноста од „меко буџетско ограничување“. Овој термин означува дека менаџментот на јавните претпријатија може да стане неефикасен и неодговорен доколку знае дека државата секогаш ќе ги покрива нивните загуби, без оглед на тоа дали тие се резултат на социјалната политика или на лошото управување, превработеноста и корупцијата. Кога загубите се резултат на оперативна неефикасност, тие престануваат да бидат социјална алатка и стануваат товар за граѓаните, одземајќи средства кои би можеле да се искористат за образование, култура или спорт.

Јавните претпријатија треба да се стремат кон финансиска самоодржливост или „нулта позиција“. Доколку државата бара од претпријатието да испорача социјално мотивирана услуга по цена под пазарната, таа треба тоа јасно да го дефинира како јавна субвенција за специфична цел, наместо едноставно да дозволи претпријатието да тоне во неодредени загуби кои го маскираат лошото работење.

Во последните три месеци од ноември 2025 заклучно со јануари 2026 година од страна на Општина Струмица кон ЈПКД Комуналец – Струмица се исплатени 16 378 959 денари. Дали станува збор за субвенционирање на услугите на претпријатието? Дали станува збор за неодговорно и неефикасно работење на претпријатието? Ако е наследен овој проблем, дали е направена ревизија за да се утврди каде е грешката? Пробавме да побаравме објаснување од ЈПКД Комуналец зошто се користат овие „финансиски инјекции“ но до моментот на објавување не добивме одговор.

Извори:
Economics of the Public Sector – Joseph E. Stiglitz
OpenFinance