На 23.09.2025 Националната установа „Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Струмица“ потпишува договор за реализација на основен проект за изведба и довршување на Стар Театар – Струмица со „Друштво за производство, промет и услуги СТЕНТОН ГРАДБА“ ДОО с.Долно Оризари, Битола. Вредноста на договорот изнесува фантастични 164.142.720 или околу 2,6 милиони евра. Предвидениот период во кој треба да се заврши работата според договорот е 24 месеци, сметано од наредниот ден од денот на воведување во работа на носителот на набавката. Дали носителот на набавката е воведен во работата, немаме информации, но според активностите на терен сѐ уште работата се решава на маса или можеби под маса, иако во договорот стои дека „се планира да започне 01.10.2025“ година. Во меѓувреме во текстови од реномираните новинарски куќи Фактор и Фокус доаѓаме до сознание дека изведувачот на 22 октомври, добива забрана за учество во јавните набавки, по истрагата на Управата за финансиска полиција и Обвинителството за работењето на прилепската болница, изречена од Основниот суд Прилеп.
Дополнително во финансиската понуда има некои ставки кои навистина привлекуваат посебно внимание. Пример, за „Молерофарбарски работи“ ќе бидат издвоени 1.365.113 денари или околу 22.000 евра. Ако се земе пазарната цена за молерофарбарските работи која изнесува приближно 70 денари од квадрат со сопствен материјал, би требало да се исфарбаат некаде околу 19.500 квадратни метри, небаре ќе се фарба Бољшој театар. Фасадерски работи се појавуваат како две ставки, еднаш 1.148.405 друг пат 99.685. Истото е и со Ѕидарски работи кои ги има два пати, еднаш 1.539.401 втор пат 35.074. Пракса е „точка разно“ да дава слобода за непредвидени работи, но овде и „точка разно“ ја има два пати, еднаш 2.379.622 и втор пат 181.720.
Оваа интересна појава е честа кај децата од основно образование, кога не знаат да набројат нешто за да го добијат целиот одговор, па повторуваат едно та исто повеќе пати. Исто така и цените кои се ставени за единечните продукти се со сомнителна вредност која не одговара на пазарната. На увид на јавноста ја доставуваме целата финансиска понуда (види листа на извори).
Ден подоцна на 24.09.2025 е потпишан договор за Стручен градежен надзор за реализација на проект за изведба и довршување на Стар Театар Струмица помеѓу Национална установа „Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј- Струмица“ и „Друштво за трговија, градежништво и услуги ИНВЕСТИНГ ДООЕЛ увоз-извоз“ – Радовиш. Вредноста на овој договор изнесува 4.103.568 денари или околу 66.700 евра. Надзорот нормално дека не започнал затоа што не е започната ни изведбата на проектот иако и овде стои дека „се планира да започне 01.10.2025 година“.
Вкупната вредност која граѓаните во месец септември ја издвоиле за проектот за Стар Театар – Струмица изнесува 168.246.288 денари или 2.735.712 евра. Или вкупна проценета вредност на театарот со претходни договори, околу неверојатни 5,2 милиони евра.
Сето ова одеше во прилог на посетата на премиерот Мицковски на Струмица, пред почетокот на официјалната кампања за локалните избори 2025 година, кога правеше политичка промоција на сега веќе новиот градоначалник на Општина Струмица.Тие заедно го посетија објектот и направија неколку добри фотографии, па откако ја затворија вратата, таму никој повеќе не влегол, барем не за работа. Дали ова беше прескап предизборен фолклор или станува збор за сериозен криминал?
Извори:
– Известување за склучен договор со изведувач
– Финансиска понуда за изведување
– Договор за изведување
– Известување за склучен договор за надзор
– Финансиска понуда за надзор
– Договор за надзор
– Фактор.мк
– Фокус.мк