Стојан Велков. Актер, екологист, еко активист, родител, пријател… додавката Трн за што служи во името? Реторичко е прашањето, затоа што и јас и јавноста веќе ги знаеме твоите бунтовни дела и трнлив пат за правда, вистинољубивост, пркос во животот, но и пркос на сцената со многубројни главни улоги во Народен Театар „Антон Панов“ – Струмица. Но, ете би те прашал за твоите актуелни ангажмани во матичната театарска куќа?
- Благодарам за воведот, Никола, морам да кажам дека секогаш кога ќе се спомне прекар, неминовно ми доаѓа мислата дека човек на својот прекар свикнува како на своето сопствено име, со нешто што му е дадено од другите, а тој, со текот на времето, се согласува да му стане длабоко, интимно обележје за сопствена идентификација. Така некако, и јас допуштам да ме води сопствениот прекар и ги откривам различните значења на тој „трн“ што непомирливо сака да се зарие во јадрото на нештата.
Во таа насока, правам лични, фокусирани обиди да го откријам и, така да речам, театарскиот „трн“. И кога екипата ’дише заедно’, тоа понекогаш успева. А токму сега во процесот на подготовки на претставата „Бегалка“ од Васил Иљоски, кој во моментов се случува во струмичкиот театар, го доживуваме тоа ’заедничко дишење’ на целата екипата од претставата. Битното е што режисерот Дамјан Димовски успеа да ни ја пренесе својата свежа режисерска визура (преку брехтијански, „исчистен“ од битот израз) но уште побитно е тоа што го прави преку непосреден, искрен и човечки однос, дозволувајќи да води желбата за игра. Па, во таа насока, првенствено разбирајќи што правиме, имаме плодно тло да креираме претстава направена преку современ прочит, верно задржувајќи го оригиналниот дијалог, со сѐ поетичноста и прецизноста на откриениот збор на Иљоски, и сето тоа спроведено преку мислата и намерата на актерите, спроведена преку ликовите.
И пиесата и претставата како тема го носат судирот на две генерации со сосема различни сфаќања и потреби во животот. Тоа се, судирот на сувоста на среброљубието „во име“ на традицијата, наспроти живоста на полетната вљубена младост која пркоси по инстинкт на својот суров и надмоќен опонент. А тоа, секако е своевиден „трн“ поттикнат од индивидуата која е решена да дојде до саканата и неопходна промена, како во претставата, така и во животот.

Како се движи ансамблот, техничките можности и квалитети на сцената од твоја перспектива, во очекување на толку долго посакуваната одделна локација за театарот (независно од зградата на НУЦК) кој е во изградба? За разлика од други театарски куќи во Македонија, каде условите се навистина субстандардни (имавме и затворање на една цела театарска куќа со долга традиција во Прилеп) имаме одлична сцена, но за разлика од нови модерни театарски згради (Велес, МНТ…) сме на многу пониско скалило во технички аспект.
- Веќе одамна мислам дека институционалниот начин на водење на театарот во Македонија, на повеќе начини го загушува и осакатува театарскиот жив импулс и пркос. Првенствено, затоа што ниту еден министер со децении не го направил толку потребниот ’ресет’ и реорганизација внатре во министерството како главен водич на културните политики, бесрамно пренесувајќи го тоа директно во своите институции. Храмовите на културата, од „главата до опашката“ се загадени со партиски, неспособни и неадекватни структури, умислени дека продуцираат уметност, нѐ трујат со леплива спуреност, баналност и „традиционална“ мрзеливост. Тоа се суштества без никаква визија и без никаков внатрешен порив за креација, ниту пак за излез од „калта“, затоа што таму тие најдобро се снаоѓаат!
И при такви услови, доаѓа „нормално“ така едноставно да се затвори еден театар со 80 годишно постоење и прашање на време е кога ќе почнат да „нѐ вадат од штекот“ (впрочем нам и така постепено нѐ гасат)! Тоа што се случува во Прилеп е страшен доказ за грубо смалување на вредноста на постоењето на театарот и пораз за луѓето на кои им значи театарот. Тоа се случило и во Струмица пред четириесет години, и ете нѐ до каде сме и во какви услови работиме!
Но, дури и да се изградат технички беспрекорни театри, многу е важно да се смени односот кон театарот. Во таа насока, дури и ќе се дрзнам да кажам дека веќе станува и небитно дали ќе имаме нова театарска зграда (која патем речено е со неколку основни мани), оти доколку продолжи стариот начин на водење, повторно сѐ ќе се запусти. Така што, прашањето кое веќе цела деценија и повеќе нѐ боли, старо-новиот театар можеби ќе се реши како зграда, но неминовно мора да се реши и како пристап и начин на водење на истиот.

Дали е доволна програмата која се реализира годишно преку Министерството за култура и туризам или на Народен театар – Струмица му е потребна и некаква паралелна, алтернативна драмска програма?
- Цврсто стојам на ставот дека во Струмица (и во Македонија) алтернативната (драмска, сценско- музичка и галериско- ликовна) програма мора да биде застапена и да се негува со посебен однос. Затоа што алтернативната сцена носи со себе кршење на конвенционалноста, таа пулсира преку истражувањето во театарот, реоткривање преку автентичен и толку свој, оригинален начин. Не велам дека повремено тоа не се случува и во театарот, но сепак… Освен тоа, многу млади луѓе кои не се вработени во културните институции, мора да имаат шанси и услови да го изразат и восплотат својот порив. Алтернативна програма би значело свежина, различие на сцената.
И секогаш кога имам можност, пристапувам со голема радост и учество во проекти кои се дел од алтернативната сцена.

Твојата улога во монодрамата Кротка од Фјодор М. Достоевски е една од твоите највпечатливи остварени улоги. Претставата се игра веќе шест години (од премиерата во декември 2019 г.) на репертоарот на струмичкиот театар, но и на бројни гостувања во земјата и во странство. Како прозборе Достоевски преку тебе? Ако веќе знаеме дека и најнегативните и најпозитивните ликови во неговото импозантно творештво се создадени преку искуството со него самиот, прикажан низ бескрајното самоспознание и Боготражителство, како го проживеа негативниот главен лик на оваа новела? Бидејќи ликот на „Кротката“ беше само дух, завршен миг во поставката, ти остана сам на сцената. Може ли човек да живее во таква бесконечна самотија? Како помина тој изгубен и очаен човек низ твоето тело и дух?
- Претставата „Кротка“ за мене, а верувам и за целата екипа, е драгоцен бисер и има посебно место во мојот театарски свет. И самиот знаеш, како сценограф на истата, дека тој бисер е создаден со многу посветеност, труд и верба од страна на сите креатори на претставата.
Она што постојано ме привлекува е грижата кон самата претстава, односот кон неа. Постои еден особен вид на концентрација кога сте исправени пред големо дело, но и голема творечка возбуда, желба да се биде таму, во светот на претставата. Таа претстава е процес што трае, и како таква, доживува, би рекол, своевидни менувања кои водат кон допрецизирање на веќе поставеното. Првин се постави со еден силен ритам, кој после се надополни преку задлабочувањето во кажаното преку мислата, воспалениот ум што го има карактерот додека зборува за неговата лична борба за претставување на голата вистина пред себеси, преку точните откритија во текот на пробите и за време на изведбите… И сето тоа со цел попрецизно навлегување на напишаната мисла од генијот Достоевски и воздигнување на претставата на скалило повисоко од претходната изведба.
Благодарение на „Кротка“ и интензивната работа со Дејан Ангелов, почна да се случува моето созревање во професијата, а и во животот. Темата во „Кротка“ е гордоста и ’превезот пред очите’ што си го создава заблудениот човек за својата умислена цел, а токму тој превез прави засекогаш да се затворат очите на едно младо, чисто суштество како што е кротката млада жена.
А од таков процес не можете да излезете недопрен, непроменет, неосвестен… Тоа е процес што буди и не ве остава повторно да заспиете.

Монодрамата е кралица на актерското остварување? Во сликарството тоа би било „Автопортретот“. Кои се искуствата со сликањето на својот автопортрет кога качен на сцената и загледан во огледалото на публиката се соголуваш себеси? Сам со светот и публиката!
- Кога актерот е исправен сам пред публиката, постои една зголемена потенција, посебен фокус и концентрација. Со таква претподготовка се впуштам во играта, и во силна врска со музиката која се изведува во живо од Ставро Ангелаков кој многу точно партнира со своите инструменти, и така заедно како со некој невидлив фенер, повторно и повторно го реоткриваме, пресоздаваме и изведуваме делото. Голем удел за таквиот однос кон претставата има режисерот Дејан Ангелов, кој е неуморен трагач по вистината во самото дело. Во пракса неговото режисерско присуство не застана во процесот на подготовка, туку и понатаму постојано е со нас, и пробите пред изведбите ги минуваме заедно и работно. А тоа прави претставата да гостува на фестивали, и многу важно, да биде препознаена и вреднувана како од релевантни театарски дејци, проесори, колеги и критичари, така и од посетители и љубители на театарот.
Така што, главниот товар во монодрамата можеби е на актерот, но претставата би го немала својот развој без погоре наведената подготвеност и насока на движење.
Колку зависи од режисерот процесот во театарскиот чин, а колку од напорите на актерот да се изрази себеси до крај, до сржта на своите можности и знаење. Дали има инстинкти во актерската уметност или сѐ е однапред одредено како калап во кој улогата ќе биде само одлиена?
- Според моето гледиште, режисерот е своевиден врач кој го задава првичниот импулс, го води ритуалот и заедно со актерите и другите соработници, креира(ат) сценски продукт. Режисерот е клучен, тој мора да знае што прави и на кој начин го пренесува тој импулс кај екипата, особено актерската. Па, дури и да е иста екипата и текстот, сепак со секој различен режисер, имате различно патување и различен разултат.
Напишаните ликови се неменливи и „вечни“, тие се „заробени“ во текстот не само со своите размисли, односи и конфликти, туку и во целосниот напишан контекст. Задачата на театарџиите е да проникнат во таа неменлива даденост, да го разглобат, расклопат делото за да им стане јасно за што работи и на свој начин повторно да го склопат, но сега на сцената во вид на претстава.
Тоа е процес на љубопитно истражување, а секој учесник е должен да го вложи сиот свој душевно-ментално-физички капацитет, својот инстинкт и интуиција, за да се случи делото. А како ќе биде склопено, пак главно зависи од режисерот.

Стојан, ти си долгогодишен активист и борец и еден од основачите на иницијативата која алармира за опасностите кои демнат од идејата за отворање на рудникот на смртта над нашата котлина. Облакот на смртта и без да се отвори рудникот, виси над нашите глави и ги труе нашите животи. Тоа е облак создаден од испарувањата на корупцијата, мрзливоста на институциите, запалените пластики и депонии, согорувањето сомнителен канцероген отпад низ фабриките… Како ќе се справиме со оваа црна чума на нашиот век?! Ако во минатото луѓето се плашеа од војни и инвазии на странските војски, денеска сме поразени од стравот дека колективно ќе се разболиме од загадениот воздух во местата каде живееме.
- Во ера на инвазии од рудници, депонии, загадена вода, почва, храна итн., не можете, а да не дојдете до мислата дека во денешнината тие нешта се нашиот загадувач на душата и умот, нашиот непријател број еден! Овие нешта се современото „воено време“. Зад сиве овие нешта стои повторно човечкиот фактор. Инвазијата доаѓа позасилена одвнатре, преку политичари марионети во спрега со алчни бизнисмени, кои се добитна комбинација за сѐ што ни се случува. Се однесуваат како заагадувањето да нема никаков негативен ефект врз нив и врз нивните најмили. Трупаат пари на сметка на здравјето и животот, на сметка на сите што сме погодени од овие „модерни алатки“ за масовно труење. Оние кои размислуваат со своја глава и реагираат јавно, се под постојан притисок од партиско-олигархиските кругови. Нештата се свртени сосема наопаку!
Но, низ тие 9 години борба, сфативме дека со силна волја, искреност, посветеност и истрајност, може да се случат промени. За тоа, се разбира, потребно е постојано и будно следење на настаните, учество во емисии, организирање протести, блокади… За жал, ат-хок решение не постои, но за среќа во целата апатија и безличност, се појавуваат свесни и храбри луѓе кои не можат да ќутат и да не реагираат. И убеден сум дека решеноста на луѓето да стават точка на овие инвазии е првиот сериозен чекор кон почиста иднина. Луѓето мора да се разбудат, да увидат и да реагират, инаку умираме од летаргија!

Беше четири години дел од советот на Општина Босилово. Колку успеа да ги наметнеш твоите идеи таму, дали ако си малцинство и „Еден“ во една политичка група на одлучување, има шанси да дејствуваш и влијаеш врз ситуациите? И конечно, зошто во помалите општини не се спроведат културни програми во текот на целата година, зошто кај нас културните политики остануваат на маргините или во доменот на забавата, сезонски, колку да помине летниот распуст?!
- Во нашите општини и Советите нештата одат по некоја инерција. Така им е најлесно, така нема потреба да се излезе од комфорот, така нема да „бодат очи“. Најголемиот проблем, генерално, е тоа што нема подготвеност и храброст за радикален пристап кон решение на најголемите, а со тоа и најопасните проблеми. Многу често во Советот се соочував со молк, апатија и никаква дискусија, од страна на над 90% од советниците, а најжално дури и за теми кои се од огромно значење за здравјето на нашите деца и природата воопшто. Како да гледаш живи скулптури што немат никаква волја и поттик да го работат тоа за кое се кандидирале и за што се избрани! И така за навек?!
Се чини дека политичките структури во Македонија реагираат единствено кога се во опозиција и досега никој кој и да е на власт, не ја искористил можноста за вистински промени.
Сите страдаме од тоа, и најстрашно е што на секои избори мнозинството од жителите се согласни да гласаат за советници, градоначалници, пратеници… за кои добро знаат дека немаат никаков капацитет да ги застапуваат и да се борат за интересите на заедницата, но ете „тој и тој ’трчал’ за партијата, па мора да му се оддолжиме“. Оддолжувајќи се на тој начин само на еден, многу нешта страдаат, а сите знаеме дека тоа овде е принцип, па замислете се зошто ни е такво општеството и зошто е гнил системот?! Тоа е рецепт за производство на општествени ботови, кои се злоупотребуваат за разноразни цели за личен интерес од страна на т.н. високи партиски структури.
И така, сѐ останува на добрата волја на мнозинството, или на градоначалникот, а тоа во крајна смисла значи волјата на партијата! Но, дури и во такви услови, трудот никогаш не е залудно вложен и понекогаш има резултати, но далеку од тоа да стане систем на работа, а не систем на добра волја или прашање на моментална политичка волја.
Во таа насока е и развојот на културата на општинско ниво. Повеќе се става акцент на т.н. култура за широките народни маси (која се разбира треба да ја има), а многу помалку за креирање услови за системска поставеност и адекватен развој во проекти кои имаат висока естетска/уметничка вредност. А за тоа да се случи, општините и институциите од културата мора да ги отворат вратите за оние кои знаат и умеат да ги водат и креираат тие вредности. Ако имате еден фестивал или настан, вие мора да имате адекватна поставеност на вистински луѓе за достојно организирање на истиот. Мора да сфатиме дека за вистинска промена, потребен е вистинскиот пристап и однос кон нештата, инаку по инерција остануваме „во калта“.

Што би си посакал за новата 2026 година која доаѓа и како промените низ годините влијаат на твојот светоглед, веруваш ли во конечна хармонија и мир меѓу светот и поединецот? Меѓу општеството и индивидуата? Меѓу уметникот и системот?
- Верувам во нешто и активно се борам за нешта кои што знам дека може никогаш да не се случат во мојот животен век, оти силно верувам во индивидуалниот стремеж и заложба да се биде чекор поблиску до таа недостижна хармонија. Секоја ера си носи свој предизвик, своја борба. Поединецот индивидуалец, со свој цврсто изграден агол на гледиште, отсекогаш бил во костец со општото, со масата. Исправен пред бурите, цврсто стои или свесно умира за идејата. А ако нешто е важно да се прави на овој минлив свет, тоа е да реагираме на повикот на внатрешниот глас, на тој силен порив, кој е дел од совеста, дел од Целото кое не го гледаме, кое не е земско, а е суштина која изградува, дава смисла, важност и поткрепа да се продолжи понатаму да се биде осмислен и пркосен, да се биде Човек Трн!