Стојче Гоцков – сликарството како поезија

4 мин. читање

Сликарството на Стојче Гоцков можеме слободно да го споредиме со иконографијата во филмовите на Сергеј Параџанов. На ист начин „крварат“ калинките во сликите на Гоцков – како во светот на големиот филмски режисер. Сокот исцеден од тоа рајско овошје кај двајцата уметници е ранетата и раскрварена измачена душа, која се бори во овој свет како рибите што претат во сувото и молат за капка вода, како сцените од почетокот на филмот за ерменскиот поет Сајат Нова. Кој можел да го разбере поетскиот свет на Стојче во оваа културна суша? Во творечкиот свет на Гоцков постои едно место од кое се повлекла водата на езерото. Сув брег кој мириса на далечно море. Постои цела серија слики на школки оставени на сувиот брег, кои жеднеат по изворот. Школките во сликите на Гоцков се метафора на вечната судбина на творецот: да постои во средина несродна со неговото битие, но и покрај тој тежок пад, со својот природен дар и украс, да ја прослави божествената творба на земјата. Имаме тука еден автопортрет од кој, како од некоја прастара слика, нѐ гледа спокојниот и тажен поглед на сликарот. Прочистен, спокоен, мудар и посветен поглед , како оној на Лао Це…

Стојче Гоцков е роден во Скопје 1953 г. Посетувал Училиште за применета уметност „Лазар Личеновски„ во Скопје. После извесен период, незадоволен, го напушта Училиштето и започнува самостојна едукација во областа на ликовната уметност. Творечкиот животен век го поминува во Струмица како слободен уметник.

Член на ДЛУС станува во 1976 година, а член на ДЛУМ е од 1988 година, при што ја добива престижната награда „Димитар Кондовски“ и редовно учествува на годишните и тематски изложби.

Се редат многу самостојни и учества во групни изложби…

Гоцков во два наврати престојуваше во Франција, при што, неговата втора посета, траеше една година. Карактеристично, за неговиот ликовен опус е што покрај, профаното, во неговите дела преовладува и иконописот, како стилска преокупација. Неговите дела се застапени во голем број приватни и други колекции.

Последната самостојна изложба, Гоцков ја имаше во 2008 година, само неколку месеци пред неговата ненадејна смрт во Струмица.

Уметникот и неговиот долгогодишен пријател Гоце Божурски ќе запише во еден каталог:

„Сосема е очигледна таквата констатација кога е во прашање Стојче Гоцков (струмичкиот Леонардо, како што некои колеги и пријатели го нарекуваа)… Кога се има предвид неговата тивка и ненаметлива персонална природа, кроткиот и скромен животен стил со евидентни белези на овоземен аскетизам и оттргнатост од надворешниот свет, неговата симпатична природна појава, занимлива физиономија со силен неизбришлив впечаток, уште на прв поглед стануваше јасно дека е вонстандардна, неконвенционална, специфична и посебна личност и според табиет и според вокација. Поседуваше вроден и негуван интелект, вонсериска продуховеност, истенчено изнијансирано чувство за одмерена шегобијност, непосредност и отвореност за комуникација, но повеќе милуваше повлеченост и творечка самоизолација во тишината и спокојот на ателјето како епицентар на своевидниот личен егзил од секојдневието. Тоа беше прибежиште по личен избор скраја од катадневната динамична збрка што ја носи современието“.

Автор:
Никола Пијанманов е ликовен уметник, роден 1981 г. во Струмица. Дипломирал на… повеќе