Далибор Плечиќ – учител и писател

Учебниците се соодветни на возраста на децата, но не и на времето во кое живееме.

10 мин. читање

Како да ве претставиме Далибор Плечиќ писател и учител или учител и писател?
( Кое според вас е по-важно и зошто?)

  • Не мислам дека тие две работи може да се градираат според тоа која е поважна — тоа е, пред сè, прашање на лична преференца. Освен тоа, таквата поделба би подразбирала дека станува збор за одвоени дејности, а не мора да биде така. Во мојот случај, пишувањето и учителствувањето се комплементарни активности што се надополнуваат на различни, поливалентни начини. Ако добро размислам, тоа се и најкомплементарните активности во моето секојдневие: искуството од книжевноста се обидувам да им го пренесам на децата, а тие, пак, се неисцрпен извор на енергија и случувања.

Што ве мотивира, а кое ве разочарува во нашето општество и во образовниот процес?

  • Малку се работите што можат да го мотивираат човек во нашето општество, а најтажно е што тоа важи и за образованието. Иако претставува еден од најважните сегменти на секое општество, кај нас образованието се третира како проста нужност, а културата – како нужно зло. Проблемот со образованието одамна е присутен како флоскула што сите ја повторуваат: родителите, наставниците, па дури и децата. Но, освен на ниво на реторика, речиси и да нема конкретни акции за негово подобрување.

Образованието е темелот на секое општество, но тоа не почнува и не завршува во училиштето. Освен системските слабости, постојат и подлабоки проблеми што се однесуваат на културните, воспитните и воопшто општествените навики на родителите и старателите. Воспитувањето на децата и нивното формално образование се споени садови – едното не може целосно да го надомести или исправи она што недостига во другото.

Тоа е, несомнено, големо и многу комплексно прашање што бара повеќе време, простор и волја за исцрпна и аргументирана анализа. Но едно е јасно: потребни се промени во многу сегменти – и во самиот образовен систем, и во навиките и односот на родителите. Зашто секоја интервенција во образованието претпоставува визија за иднината, а ние, за жал, многу добро знаеме дека нашите визии и понатаму остануваат врзани за минатото.

Кој е најголемиот минус или минуси, а кој најголемиот плус во нашиот образовен процес?

  • Најголемиот минус е неприлагоденоста на училиштето на навиките на новото време. Тоа сè повеќе личи на средновековна тврдина во која навлегуваат разгалени туристи — дојдени да се забавуваат, но свесни дека не смеат ништо да скршат внатре. Училиштето не може да биде само забава, но исто така не смее да остане изолирано од современите навики и реалноста: од социјалните мрежи, преку влијанието на вештачката интелигенција, до когнитивните навики и достигнувања на денешните деца.

За пофалба е тоа што некои училишта барем се обидуваат да воведат ред, па ги охрабруваат учениците дел од денот да поминат без телефони — макар и тоа е почеток.

Што мислите за учебниците по македонски јазик, дали се соодветни спрема возраста и како содржина?

  • Можеби учебниците се соодветни на возраста на децата, но никако не се соодветни на времето во кое живееме. Содржините во учебникот по македонски јазик изгледаат како да се замрзнати во некој музеј на заборавени зборови — со архаизми што дури ни професорите не ги користат, а не учениците. Па така, децата учат за идно време преку текстови што мирисаат на минатото. И сè тоа, нормално, под знамето на „негување на традицијата“.

Не велам дека народната книжевност нема место во наставата — напротив, треба да ја има, но таму каде што има смисла. Проблемот е што учебниците изгледаат како да се направени за некое друго време, за некои други деца, кои читаат со свеќа и пишуваат со перо. Нашите, пак, живеат во дигитален свет, каде секој збор треба да ги поттикне да мислат, а не да се проѕеваат.

Како одржувате позитивен дух и со толку труд и голема работа се трудите да воспитувате со оглед на тоа што се случува во нашето општество?

  • Не постои таква општествена дубиоза што може да го уништи детскиот ентузијазам. Тој, заедно со сознанието дека нечии животи буквално се обликуваат со тебе, покрај тебе и од тебе, создава еден вид еластична мембрана што нè штити од сето она што нè опкружува. Во училиштето владее свој микросвет – и тој или те привлекува, или те исфрла. Ако те привлекува, ентузијазмот не бара труд – доволна е искреноста. Децата совршено интуитивно препознаваат кога некој се преправа или се крие зад маска.

Секако, постојат внатрешни преиспитувања, интроспекции, дилеми. Но тие никогаш не се насочени кон самата работа, туку кон методите – кон тоа како да се направи подобро, поефикасно, похумано. На крајот на краиштата, наставниот кадар води една вистинска партизанска битка: понекогаш изгледа безнадежно, понекогаш еуфорично и полна со верба, но борбата продолжува. А партизаните, како што знаеме – не се предаваат.

Мислите ли дека некогаш учителите ќе се обединат и спротистават на партијските вработувања?

  • Не верувам.

Исто и за поголеми и достојни плати?

  • Овие постојани натегања со сите власти околу тоа наставничката плата конечно да стигне до нивото на просечната плата во државата се најдобар доказ за понижувачкиот однос што државата го има кон луѓето кои ги учат нејзините деца. Потребно е вистинско препознавање на значењето на оваа професија и јасна стратегија за воведување конкретни бенефиции. Сè останато наликува на некој скеч од Монти Пајтон или на епизода од сараевските надреалисти — со таа разлика што овде сме дел од заплетот, а не публика. Да не навлегувам во детали, сепак.

Дали сте размислувале некогаш за подобро платена работа, различна од оваа?

  • Нормално дека сум размислувал. Понекогаш дури и фантазирам дека работам некаде каде што платата не доаѓа со одложено дејство. Но, шегата на страна — човек постојано размислува, преиспитува, мечтае. Без тие мали бегства во имагинацијата, би биле само дел од некој алгоритам што работи без грешка, но и без душа.

Мислите ли дека самите учители се мотивирани или заради ниските плати се губи се повеќе мотивација и желба за работа?

  • Демотивацијата е повеќеслојна. Понекогаш произлегува од конкретни, партикуларни причини; понекогаш се должи и на неадекватноста на кадарот. Но материјалниот аспект не е занемарлив и не треба да се правиме дека не постои улога. Не е клучен, но е битен.

Мислите ли дека децата ги почитуваат наставниците?

  • Тоа зависи од наставникот, родителите и опкружувањето. Ретко зависи само од децата. Сепак, најголемата улога ја има наставникот – почитта не е правило, туку резултат на индивидуален однос и пример.

Мислите ли дека мешањето на родителите за оценките исто ќе сопре и како се справувате со демотивацијата на децата, кои се трудат и се разочаруваат кога оценки се делат не по заслуга?

  • Ова е еден од најголемите проблеми во целото општество. Родителите не би можеле да интервенираат доколку постоеше јасна методика, стратегија и практични правила. Паушалното оценување му штети на самиот ученик, а долгорочно го разорува системот на филтрирање на кадри, пренасочувањето кон соодветно школување и подоцнежната професионална реализација. Јасен и почитуван стандард е одлика на развиено и зрело општество — нешто што ние, за жал, сè уште го немаме.

Што ве мотивира да останете и да работите за ова општество?

  • Мојата ќерка.

Што ве инспирира да пишете или не останува многу време за тоа?

  • Времето е сè помалку, желбата сè поголема. Пишувањето за мене е вид терапија и големо уживање. Сега се трудам да станувам рано, пред сите, и да пишувам инкогнито, без наметнување. Не би можел без тоа.

Да завршиме со ваша оценка за односот на власта кон покровителство на писателите? Има ли разлика преку годините или има една константа на непомагање на македонските писатели?

  • Кога станува збор за писателите, не би ги врзувал работите со која било влада. Писателот мора да биде автономен, слободно-мислечки и со отворен ум. Накратко, писателот не треба да има никакви врски со која било власт – напротив, треба да ја заобиколува со широк лак.
Автор:
Дипломиран новинар, магистар по историја и докторант Историја на Балканите…. повеќе