Наутро, во 8:15 часот, американскиот бомбардер Enola Gay ја фрлил атомската бомба со кодно име „Little Boy“ над јапонскиот град Хирошима.
За само неколку секунди, центарот на градот бил претворен во урнатини. Огнената топка во првите мигови по експлозијата достигнала температура од неколку милиони Целзиусови степени, а ударниот бран уништил сè во радиус од неколку километри.
Се проценува дека до крајот на 1945 година загинале околу 140.000 луѓе – дел веднаш од експлозијата, а многу други во месеците што следеле поради тешки изгореници и изложеност на радијација.
Меѓу најпотресните сведоштва од тој ден се таканаречените „сенки од Хирошима“ – темни контури од луѓе и предмети, останати на камените скали и ѕидови поради силниот топлотен блесок. Тие не се вистински човечки остатоци, туку места каде што телата за миг ја блокирале огромната топлинска енергија, оставајќи траен отпечаток на површините.
Меѓу урнатините биле пронајдени и часовници запрени на 8:15 часот, симболично сведочење за мигот кога времето, за илјадници луѓе, засекогаш запрело.
Во близина на епицентарот на експлозијата останала една од ретките згради што делумно преживеале – Индустриската промотивна сала на Хирошима. Денес позната како Купола на атомската бомба, таа стои како споменик на жртвите и потсетник за разорната моќ на нуклеарното оружје.

(Куполата на атомската бомба/Alec.cortez/File:The Hiroshima Peace Memorial (Genbaku Dome).jpg/CC BY-SA 4.0 преку Wkimedia Commons)
Една од најпознатите приказни поврзани со последиците од бомбардирањето е онаа на Садако Сасаки, девојче кое било изложено на радијација како двегодишно дете, а години подоцна заболело од леукемија. Според јапонската традиција, таа верувала дека ако направи илјада хартиени жерави, ќе ѝ се исполни желбата да оздрави. Нејзината приказна станала симбол на надежта и мирот.

(Скулптура на Садако Сасаки/Drlbm/File:Sadako Sasaki – sculpture by Hazel Reeves.jpg/ CC BY-SA 4.0 преку Wkimedia Commons)
Само три дена подоцна, на 9 август, втора атомска бомба била фрлена врз Нагасаки . Овие два настана довеле до капитулацијата на Јапонија и крајот на Втората светска војна, но и до почетокот на нуклеарната ера – период во кој човештвото за првпат се соочило со оружје способно да уништи цели градови за неколку мигови.
Денес, 6 август не е само датум од историјата. Тој е потсетник на огромната цена на војната и на тоа колку е кревок мирот.
Извори:
Encyclopaedia Britannica – Atomic bombing of Hiroshima
Hiroshima Peace Memorial Museum – архивски материјали и историски податоци
Atomic Heritage Foundation – историски податоци за „Little Boy“ и последиците од бомбардирањето