Чехот Рудолф Ваштјатка го основал музичко училиште во Струмица

1 мин. читање

Првото музичко училиште во Струмица го формирал и бил негов директор, чехот Рудолф Ваштјатка.

За културно-забавниот живот во годините пред војната, особено за музичкото образование на нашите граѓани треба да му бидеме благодарни на Рудолф Ваштјатка, Чех по народност. Тој бил капелник на воената музика и воедно организатор на две оперети во Струмица, заедно со младината во 1934 година.

Димитар Колчаков се сеќава на музичарот Рудолф. – ,,Беше вистинско доживување за градот кога ја прикажавме со успех оперетата „Мамзелни туш“ и „Гејша“. Ги изведовме во тогашното приватно кино „Балкан“. Јас ги толкував улогите на капларот Лорно и на чајџијата. Рудолф се врати од војната и во Струмица го формира првото нижо музичко училиште”.

Капелникот Рудолф Ваштјатка е погребан на струмичките гробишта и во знак на благодарност, неговите пријатели му подигнале спомен плоча.