„Талир 2“ заврши по осум години: Груевски правосилно ослободен, „Белата Палата“ не се конфискува

2 мин. читање

По речиси осум години судска постапка, денеска, 26 август 2026 година, конечно заврши случајот „Талир 2“ – еден од најпознатите предмети произлезени од поранешното Специјално јавно обвинителство.

Апелацискиот суд Скопје ја одби како неоснована жалбата на Обвинителството и ја потврди ослободителната пресуда за поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Со тоа, ослободителната пресуда станува правосилна.

Случајот се однесуваше на изградбата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, познато како „Белата палата“. Обвинителството тврдеше дека преку злоупотреба на службената положба била овозможена противправна имотна корист за партијата.

Приказната започна во 2018 година, кога СЈО го поднесе обвинението против Груевски и поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски.

Во 2022 година, Основниот кривичен суд донесе осудителна пресуда. Груевски беше осуден на шест години затвор, додека Божиновски доби условна казна. Судот тогаш донесе и одлука за конфискација на „Белата палата“ и друг имот.

Но пресудата не остана на сила.

Во меѓувреме, во 2023 година беа донесени измени на Кривичниот законик, особено кај кривичното дело злоупотреба на службената положба. Во 2024 година Апелацискиот суд ја укина пресудата и предметот го врати на повторно судење. Во однос на Кирил Божиновски, во меѓувреме настапи застареност.
На 14 јули 2026 година, по повтореното судење, Основниот кривичен суд го ослободи Груевски, оценувајќи дека обвинителството не ја докажало неговата кривична одговорност според важечката законска рамка.

Обвинителството се жалеше.

Но денес дојде конечниот одговор.

Апелација ја потврди ослободителната пресуда.

Тоа значи дека Никола Груевски е правосилно ослободен во „Талир 2“, а конфискацијата на „Белата палата“ по основ на овој предмет не може да се спроведе.

Од шест години затвор до правосилно ослободување.

Од конфискација на „Белата палата“ до нејзино останување во сопственост на ВМРО-ДПМНЕ.

По осум години – „Талир 2“ доби конечен епилог.

Но случајот веројатно ќе остане запаметен и како пример за тоа колку значително промената на законската рамка може да влијае врз исходот на еден голем судски процес.