Лицемерие и вистина

2 мин. читање

Еден шеф ги прашал тројцата свои работници:„Дали 2+2 = 5?“

Првиот одговорил: „Се разбира, шефе, 2+2 се 5.“

Вториот рекол: „Да, шефе, ако им се додаде уште еден, тогаш е 5.“

Третиот одговорил: „Не, шефе, тоа е грешка – 2+2 се 4.“

Следниот ден, третиот работник го немало на работа. Кога се распрашале, дознале дека фирмата повеќе нема потреба од него.

Заменикот на шефот, изненаден, прашал:„Што се случи со третиот работник?“

Шефот одговорил: Првиот е лажго и знае дека е лажго – таквите се барани. Вториот е паметен и знае дека е паметен – и тие се барани. Третиот е искрен и знае дека е искрен – со таквите е тешко да се работи.

Потоа шефот го прашал и заменикот: „Дали 2+2 = 5?“

Заменикот одговорил: „Го слушнав вашето прашање, шефе, но не сум достоен да го толкувам – кој сум јас да ги разбирам зборовите на учените луѓе?“

Шефот рекол: „Така зборува вистинскиот лицемер – омилен и мил на сите.“

БОЛНА РЕАЛНОСТ

Живееме во време кога убавото е заменето со грдо, чесноста со потсмев, а лажливоста и манипулацијата станаа синоним за успех. Оној што ја зборува вистината е „тежок“, оној што лаже е „паметен“, а оној што се приспособува е „прифатен“.

ПСИХОЛОШКА РЕАЛНОСТ

Лицемерието е облик на его-заштита и социјална камуфлажа – начин човекот да преживее во систем каде вистината е опасна, а конформизмот награден.

Но, од егзистенцијална перспектива, човекот кој останува вистинит кон себе, иако губи надворешни добивки, ја задржува својата душа, своето достоинство, своето битие…

Виктор Франкл вели: „На човекот може да му се одземе сè – освен едно: последната човечка слобода, да го избере својот став кон ситуацијата.“

Иако денес лицемерите се „омилени“, оние кои ја зборуваат вистината се насушни и неопходни – тие се совеста на општеството. Без нив, 2+2 навистина ќе станат 5, и никој нема да забележи.

Автор:
Психолог и логотерапевт (психотерапевт), посветен на унапредување на менталното… повеќе