ДАЛИ УМЕТНОСТА Е САМО ЗАБАВА?

2 мин. читање

За време на настапот на Металика во огромната концертна сала Sphere во Лас Вегас, Џејмс Хетфилд најпрво им се заблагодарил на посетителите што патувале и потрошиле пари за да го гледаат бендот.

Потоа упатил остра порака кон музичарите кои ги користат концертите за политички пораки. Тој рекол:

„Металика не е тука, како некои други забавувачи, да ве убедува во своите глупости. Тука сме да заборавиме на сè што се случува надвор. Нашата агенда е љубов, енергија и хеви-метал!“

Лавина од реакции следуваа по социјалните мрежи и светските портали за оваа изјава. Се актуелизира вечното прашање за уметноста. Дали уметникот треба само да ја забавува публиката? Или може да придонесува во историските, социјални и политички промени во светот?

Основачот на „Пинк Флојд“ Роџер Вотерс познат по своите политички ставови и критиките кон војните и неправдите, реагираше во интервју за подкастот The Katie Halper Show, објавено на 15 октомври.

Кога водителката го прашала за изјавата на Џејмс Хетфилд дека „Металика“ не е на сцената за да ја убедува публиката во политички ставови, Вотерс одговорил со зборови што предизвикаа нова бура:

„Можеме ли да престанеме да зборуваме за овој идиот? Ми здодеа од него.“

Потоа продолжил со уште пожестоки навреди. Рекол дека Хетфилд има интелигенција на најниско ниво, дека е „никој“ и дека, и покрај милионите што можеби ги поседува, воопшто не го смета за вистински музичар.

Вотерс дури тврдел дека го слушнал како свири акустични инструменти и дека настапот бил ужасен.