АРХЕОЛОШКИ ЛОКАЛИТЕТ СВ. 40 СЕВАСТИСКИ МАЧЕНИЦИ – с.Банско, о.Струмица – средновековно епископско седиште

11 мин. читање

Археолошкиот локалитетот Св. 40 Севастиски маченици се наоѓа на околу 0,5 км северно од селото Банско, односно 10 км југоисточно од градот Струмица. Овој манастирски комплекс бил изграден покрај една од најбитните средновековни комуникации кои поминувајќи во Подбеласичкиот регион и ја поврзувале Струмица со патниот правец кој води по р. Струма, а со тоа и до градовите Сер и Константинопол. Поради поволните услови: значајните патни комуникации, плодната почва, хидропотенцијалот, погодните климатски услови, термалните води, Подбеласичкиот регион бил населен уште од раноантичкиот период.

Археолошки локалитет Св.40 Севастиски маченици – с.Банско

            Во близина на овој локалитет Св. 40 Севастиски маченици се наоѓа римското термално лекувалиште, како и доцноантичкото-средновековно утврдување „Мал Кајаси“. Дел од стручната јавност овде ја убицираат и тврдината Термица (Θερμιτζα), која се споменува во хрониките на Јована Скилица како една од најзначајните тврдини во Струмичката област од времето на цар Самуил. Додека руралната населба Банско (Бањско) за првпат под ова име се споменува во првата половина XIV век, во пишани извори на српските и локалните самостојни владетели.

Потврда за активниот духовен живот во ареалот на селото Банско е секако и сакралниот објект Св. 40 Севастиски маченици. Првите археолошки истражувања на овој локалитет се одвивале во далечните 1984 – 1986 година под раководство на Димче Коцо и Петар Милковиќ – Пепек. Со истражувањата бил откриен целосниот габарит на црквата.

Средновековна црква Св.40.. (фотографија – Александар Дончев)

            Откриената црква во село Банско посветена на овие светители, според општата концепција на планот е од типот впишан крст во правоаголен простор. Трансверзалниот кораб, со три раскошно решени апсиди што формираат тричлено светилиште, го претставува источниот крак на крстот (поседува ѓаконикон и проскомидија), додека коработ по должината на централната апсида го формира источнозападниот крак. На запад наосот продолжува со влез, додека на исток се наоѓаат остатоци од синтронос што упатува на заклучок дека црквата била епископско седиште. Според архитектонската изведба и скромно зачуваниот фрагментиран живописот, црквата била изградена во крајот XI почетокот на XII век.

Синтронос – Св.40 Севастсики маченици – с.Банско

            Црквата е изградена од обработен камен и тула, а како врзивно средство е употребен варов малтер. Сакралниот објект е со димензии, должина – 19,20 метри, ширина на источната страна 14,50 метри и ширина на западната страна 7,10 метри. Градењето на црквата е изведено во техника Opus cloisonné. Северната и источната фасади на црквата се артикулирани со систем на слепи ниши, кои се израз на средновековните текови на градење на сакрални објекти.

Средновековна црква Св.40(фотографија – Александар Дончев)

            Со првите археолошките истражувања на црквата Св. 40 Севастиски маченици, се откриени повеќе фрагменти камена пластика, кои биле секунадарно употребени во подоцнежните преградувања на олтарниот простор на црквата. Овие декоративни и конструктивни елементи најверојатно потекнуваат од мермерна олтарна преграда (иконостас) од првата фаза на егзистирање на црквата. Откриени се фрагменти од архитравот, од парапетните плочи и повеќе раскршени делови од странични колонки и столпчиња што го носеле архитравот. Сите овие фрагменти се изработени од бело-сив мермер со послаб квалитет. Архитравот најверојатно бил изработен од монолитен блок со должина од 3,4 метри и дебелина 13 см и ширина 40 см. Предната страна е закосена и е декорирана со фриз од стилизирани вегетабилни мотиви што се повторуваат по целата должина. Според стилската припадност овој иконостас е датиран во периодот XI – XII век.

Мермерен иконостас – Св.40 Севастиски маченици -с.Банско (технички цртеж Александар Цицимов)

            Покрај оскудните информации кои се добиени со претходните археолошки истражувањата, немаме добиено одговор дали црквата била дел од некој поголем црковен комплекс, за можните конекции со средновековните населби, како и за нејзиното значење за целокупниот духовен живот. Значењето на овој сакрален објект го потврдува и присуството на синторнос, што несомнено укажува дека станува збор за епископско седиште.

            По пауза од речиси четири децении во 2023, 2024 и 2025 година повторно се започна со археолошки истражувања на овој доста значаен локалитет. Истражувачките работи се одвиваа на просторите северно, јужно и источно надвор од црквата, под раководство на археолозите Душко Цветанов и Ване Секулов. Пред да започнеме со археолошките истражувања на овој локалитет, во близина на црквата имавме индикации за постоење на придружни објекти, кои најверојатно биле во функција на целокупниот сакрален живот.

            Просторот покрај надворешните лица на црквата, најверојатно бил покриен со отворен трем. Тремот бил изграден во некоја подоцнежна фаза од функционирање на црквата, не бил дел од првичната идеја во подигањето на овој значаен сакрален објект. На просторот јужно од црквата беа откриени остатоци од постар објект, најверојатно од римскиот период, кој со изградбата на црквата во крајот на XI почеток на XII век бил пресечен. Станува збор за профан објект кој егзистирал на овој простор во римскиот период, со истражувањата на културните слоеви беше откриена садова керамика од истиот период.

            Покрај истражувањето на остатоците од овие објект, беа откриени и документирани 60 погребувања. Покојниците во оваа некропола се положени на грб со главата на запад и испружени нозе на исток, додека рацете се испружени или прекрстени врз телото во разни комбинации, својствени за христијанските канони. Со овие археолошки истражувања се среќаваат разни гробни конструкции: слободни вкопувања, јами оградени со по некој камен, со целосно формиран венец со делкани плочи, дел од гробовите се без, а дел со покривни камени плочи, оформени како гробни цисти. Според откриениот движен материјал истите ги датираме во периодот XII до XVII век.

Археолошки истражувања 2024 на некрополата – Св.40 Севастиски маченици(фотографија – Орданче Петров)

            Се поставува прашањето зошто оваа локација е избрана за изградба на оваа црква, во самото поле на помалку од 0,5 км од Моноспитовското Блато. Знаеме дека истото порано било со многу поголем опфат и претставувало мало природно езерце, наречено помеѓу локалното население Ѓолот, термин употребуван до денес и за Дојранското Езеро. Една од нашите претпоставки за изборот на локацијата на овој храм е токму близината до самото езеро и поврзаноста на Светите 40 Севастиски маченици и нивното упокојување во ладните езерски води. Овде секако доста значаен момент се и термалните води кои се наоѓаат на само еден километар од локалитетот, односно римското термално лекувалиште.

            Според житијата за Светите Четириесет маченици од Севастија маченички ги положиле своите животи неоткажувајќи се од христијанската вера. Во 320 година четириесет војници од еден полк во Севастија, метропола од Мала Ерменија, ја одбиле наредбата да се поклонат пред римските идоли и да им принесат жртви. Кога изјавиле дека тоа го прават поради Христос најпрвин биле повикани кај управителот и биле убедувани да се откажат од христијанството и да му се вратат на идолопоклонството, а кога тоа го одбиле биле затворени, мачени и изведени пред суд. Биле осудени цела ноќ да ја поминат во вода што смрзнува.

            Во близината имало бања со топла вода, на војниците им било речено доколку некој се предомисли и се откаже од Исуса Христа да појде во бањата каде што го чекаат топла вода и вкусни гозби. Но момчињата храбро ги издржувале страдањата, молејќи се на Исуса и меѓусебно храбрејќи се. Само еден од нив не можејќи да издржи во водата што смрзнувала тајно го напуштил местото и се упатил кон бањата, но на самиот влез во неа починал. Ноќта сите стражари заспале, само еден останал буден. Во еден момент тој забележал светли венци над главите на војниците и бидејќи и тој самиот бил христијанин веднаш влегол во водата молејќи го Бога и нему да му даде таков венец. И навистина набргу над сопствената глава забележал ист таков венец. Утрото измрзнатите војници ги натовариле на кола и ги одвеле надвор од градот каде што ги запалиле.

            Изборот на локацијата на оваа црква помеѓу Моноспитовското Блато и термалните води кај с. Банско е несомнено и изборот на верникот на патот кон Бога (Исус Христос) и идолопоклонството (според Житието за Светите Четириесет).

Автор:
Вработен во НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Струмица.