На 5 јули 1996 година, во Институтот Розлин во Шкотска, е родена Доли — првиот цицач клониран од клетка на возрасна единка. Наместо од ембрионска клетка, научниците Ијан Вилмут и Кит Кембел ја земале ДНК од клетка на млечната жлезда на шестгодишна овца, ја трансплантирале во јајце-клетка без јадро, и… се случило чудо.
Доли го добила име во чест на Дoли Партон — бидејќи, како што се пошегувал тимот, потекнувала од ,,најимпресивните жлезди” што можеле да замислат.
Раѓањето било чувано во тајност цели седум месеци — дури и семејствата на научниците не знаеле што се случува во лабораторијата! Кога конечно било објавено во февруари 1997 година, светот буквално застанал.
Преку ноќ, Доли станала главна вест низ целиот свет.
Но со славата дошла и бура од прашања. Ако можеш да клонираш овца… што следно? Дебатата брзо се проширила надвор од науката — етичари, религиозни лидери и владини тела ширум светот почнале да разговараат за границите на генетското инженерство.
Некои гледале во Доли надеж за медицината: можност за производство на животни-донори на органи, лекување на генетски болести, дури и “терапевтско клонирање” за регенеративна медицина.
Други предупредувале дека човештвото чекори на опасна територија — стравувале дека следниот чекор би можел да биде клонирање на луѓе, а многу земји набрзо вовеле или заостриле законски забрани за клонирање на луѓе.
Дури и самата Доли станала неволен симбол на тие стравови — шпекулации дека можеби ,,старее побрзо” бидејќи потекнувала од шестгодишна овца, а дополнително ја разгореле дебатата за долгорочните ризици на клонирањето.
Доли живеела нормален живот, имала 6 јагниња, и починала во 2003 година. Денес е изложена како препариран експонат во Националниот музеј на Шкотска — а дебатата што ја започна сè уште не е целосно завршена.
Интересен факт
За да се добие Доли, биле потребни 277 обиди (277 реконструирани јајце клетки), а само еден довел до успешно раѓање.
Фотографија: Доли, изложена во Националниот музеј на Шкотска; Paul Hudson (CC BY 2.0) / Wikimedia Commons
Извори:
National Museums Scotland – nms.ac.uk
Roslin Institute, University of Edinburgh – vet.ed.ac.uk/roslin
Wikipedia – Dolly (sheep)