На 25 октомври е роден уметникот кој го измени ликот на ликовната уметност во 20-тиот век. Од многу критикуван, од уште повеќе обожуван, Пабло остави една планина од уметнички дела, слики, скулптури, цртежи, графики, керамики, плакати и илустрации за книги. Беше инспирација на цела плејада модерни сликари, режисери, писатели, философи и музичари.
,,Ми требаше цел живот да научам да сликам како дете”.
Пикасо не ја уништи убавината. Тој само одби да верува дека убавината мора да има едно лице. Теоријата за релативноста на сè, која ја промовираше Ајнштајн, доби лице во неговата уметност. Ги скрши формите, ги измести очите, ги распна лицата на платното, како да сакаше да ни порача дека човекот никогаш не е само она што го гледаме. Дека зад секое лице постои едно друго лице, зад секој поглед една скриена трагедија, а зад привидниот ред на светот, еден огромен, невидлив хаос. Беше сведок и ги наслика двете најужасни војни на човештвото. Избегна да војува, затоа што неговото бојно поле беше ателјето.
Во неговите слики предметите ја губат својата сигурност, телата ја губат својата целовитост, а човекот станува сведоштво за времето во кое живее. Затоа неговото сликарство не е само револуција на формата, туку и сведоштво за распаѓањето на еден свет.
Од сината осаменост и меланхолија на неговата младост до распарчените тела на „Герника“, Пикасо минува низ човечката болка како низ сопствена биографија. Додека наведнатите и скршени фигури од сините слики, сведочат за вечно осамените и социјално дискриминирани луѓе, херојската „Герника“ останува огромен црно-бел крик на човештвото, како доказ дека уметноста понекогаш мора да стане грда за да ја покаже вистинската грдост на светот.
Зад неговата генијалност останува и едно прашање: дали уметникот го спасува светот со тоа што го открива неговото лице, или само нè учи да преживееме пронижани од неговите стрели ?
Големите уметници го менуваат начинот на кој го гледаме светот. Тие ни ја одземаат сигурноста во она што сме научиле дека го гледаме. Ни ги отвораат очите, затворени од предрасудите и лагите на историските наслаги прашина.
Пикасо не е револуционерен уметник, тој самиот беше една од најголемите револуции на минатиот век.
Текст на Никола Пијанманов