Во касарната „Илинден“ во Скопје се одржа методско-показна вежба на која беше претставен првиот контингент од современата тактичко-техничка опрема. Премиерот Мицкоски порача дека инвестициите во одбраната остануваат врвен приоритет за Армијата да биде конкурентна членка на НАТО.
Македонската Армија доби сериозно засилување на своите одбранбени капацитети преку Европскиот мировен фонд, во вкупна вредност од над 40 милиони евра. Во касарната „Илинден“ во Скопје вчера беше реализирана методско-показна вежба, на која беше извршен приказ на досега пристигнатите тактичко-технички средства и опрема.
На настанот присуствуваа претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, како и амбасадорот на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас.
Премиерот Христијан Мицкоски упати благодарност до Европската Унија и до амбасадорот Рокас за нивната лична посветеност во процесот на набавка, нагласувајќи дека Унијата препознала квалитет и посветеност во македонската Армија како рамноправен дел од НАТО алијансата.
Министерот за одбрана, Владо Мисајловски, појасни дека станува збор за стопроцентен грант – директни средства од ЕУ, кои се резултат на усогласеноста со Заедничката европска безбедносна политика и активното учество на нашите сили во операциите на ЕУ.
Евроамбасадорот Михалис Рокас потенцираше дека безбедноста е суштински дел од европското партнерство, носејќи не само софистицирана опрема, туку и напредни обуки за силите.
Поддршката од Европскиот мировен фонд е сегментирана во три пакети. Во земјава веќе се пристигнати првиот пакет и дел од вториот пакет, кои вклучуваат:
- Радари и софистициран 3Д радар;
- Термални камери и преносни сензори;
- Транспортни возила;
- Напредни симулатори за обука.
Во рамките на третиот пакет, кој се очекува да пристигне во следниот период, Армијата ќе биде доопремена со логистички средства, како и со специјализирана опрема за комуникациските и пешадиските единици.