Зошто учиме најдобро кога учиме заедно?

„Она што детето денес може да го направи со помош, утре ќе може да го направи самостојно.“ – Лев Виготски

7 мин. читање

Во историјата на психологијата и образованието малкумина оставиле толку длабока трага како рускиот психолог Лев Виготски. Иако живеел само 37 години, неговите идеи и денес се меѓу највлијателните теории за детскиот развој, учењето и воспитувањето.

Виготски верувал дека децата не учат сами и изолирано од светот околу нив. Напротив, секое знаење, секоја вештина и секој облик на размислување се развиваат преку комуникација, соработка и интеракција со другите луѓе. Според него, човечкиот ум се обликува во рамките на културата и општеството во кое детето расте.

Учењето како социјален процес

За разлика од многу други теоретичари кои сметале дека развојот е претежно индивидуален процес, Виготски тврдел дека учењето најпрво се случува помеѓу луѓето, а потоа во самиот човек.

Кога детето разговара со родител, наставник, воспитувач или врсник, тоа не прима само информации. Во тие интеракции тоа учи како да размислува, како да решава проблеми, како да поставува прашања и како да го разбира светот околу себе.

Затоа, семејството, училиштето и пошироката заедница имаат огромна улога во развојот на детето. Начинот на кој комуницираме со децата може директно да влијае врз нивниот интелектуален и емоционален развој.

Поискусен од другиот

Еден од најпознатите концепти на Виготски е таканаречениот More Knowledgeable Other – MKO.

Тоа е лице кое поседува повеќе знаење, искуство или вештини од детето во одредена област.

Најчесто тоа се: родители, наставници, воспитувачи, ментори, постари браќа и сестри, поискусни врсници. Кога детето е во контакт со ваква личност, тоа може да постигне многу повеќе отколку кога би работело само.

На пример, дете кое самостојно не може да реши математичка задача, со мала насока од наставникот може успешно да стигне до решението. Со текот на времето таа помош станува сè помала, а детето станува сè посамостојно.

Зоната на нареден развој

Можеби најпознатиот придонес на Виготски е концептот на „Зона на нареден развој“ (Zone of Proximal Development – ZPD).

Оваа зона претставува простор помеѓу она што детето веќе знае да го направи самостојно и она што може да го постигне со помош на поискусна личност.

Според Виготски, вистинското учење се случува токму во оваа зона.

Тој разликува три категории задачи:

  1. Задачи кои детето може да ги изврши самостојно – Овие задачи веќе се совладани и не претставуваат нов предизвик.
  2. Задачи кои детето може да ги изврши со помош – Токму тука се случува најголемиот развој. Соодветната поддршка му овозможува на детето да достигне повисоко ниво на компетентност.
  3. Задачи кои детето не може да ги изврши ниту со помош – Овие задачи се премногу сложени за неговото моментално развојно ниво и треба да се одложат за подоцнежен период. Овој концепт и денес претставува основа за современите методи на настава и индивидуализирано образование.

Наставна поддршка

Од идејата за зоната на нареден развој произлегува и концептот на наставна поддршка, познат како scaffolding.

Како што скелето ја поддржува изградбата на една зграда додека не стане стабилна, така и наставникот или родителот го поддржува детето додека не стане способно самостојно да ја извршува задачата.

Поддршката може да вклучува: објаснување, демонстрација, поставување прашања, давање примери, визуелни помагала, конструктивна повратна информација и сл.

Со напредокот на детето, оваа поддршка постепено се намалува.

Целта не е детето засекогаш да зависи од помошта, туку преку неа да стане самостојно и компетентно.

Основни и повисоки ментални функции

Виготски сметал дека сите луѓе се раѓаат со одредени основни ментални способности: внимание, перцепција, сензација и меморија.

Овие способности претставуваат темел врз кој се гради понатамошниот развој.

Преку социјалните интеракции тие се трансформираат во повисоки ментални функции како што се логичкото размислување, планирањето, решавањето проблеми и саморегулацијата.

Со други зборови, човечкиот ум не се развива изолирано, туку во постојана интеракција со околината.

Улогата на јазикот

За Виготски, јазикот е најмоќната алатка за учење. Тој сметал дека јазикот не служи само за комуникација, туку и за организирање на мислите и регулирање на сопственото однесување.

Според неговата теорија, развојот на говорот поминува низ три фази.

Социјален говор – Во најраните години детето зборува со другите луѓе и преку комуникацијата го запознава светот.

Приватен говор – Подоцна детето почнува да зборува само со себе додека решава проблеми или извршува задачи. Многу родители можат да забележат како децата гласно си ги кажуваат чекорите додека градат коцки или решаваат загатка.

Внатрешен говор – Со текот на времето приватниот говор се интернализира и станува внатрешен монолог – она што денес го нарекуваме размислување.

Според Виготски, токму оваа трансформација е клучна за когнитивниот развој.

Примена во современото образование

Идеите на Виготски денес се широко применувани во образованието ширум светот.

Современите наставни пристапи сè повеќе се темелат на: групна работа, учење преку соработка, менторство, дискусии, проекти, интерактивна настава.

Наместо наставникот да биде единствениот извор на знаење, тој станува водич кој им помага на учениците самите да дојдат до разбирање. Овој пристап создава поголема мотивација, креативност и активно учество во наставниот процес.

Критики на теоријата

Иако е многу влијателна, теоријата на Виготски не е без критика.

Некои научници сметаат дека тој не обрнал доворлно внимание на генетските фактори, биолошкиот развој, индивидуалните разлики, емоционалните разлики.

Други истакнуваат дека неговите концепти, особено зоната на нареден развој, понекогаш се тешко мерливи и прецизно дефинирани.

Сепак, бројни истражувања потврдуваат дека учењето преку соработка и соодветна поддршка носи значајни образовни резултати.

Заклучок

Лев Виготски оставил наследство кое и денес ги обликува психологијата, педагогијата и современото образование. неговата основна порака е едноставна, но моќна: „Човекот се развива преку другите луѓе“.

Децата не учат сами. Тие учат преку разговор, игра, соработка, поддршка и заедничко искуство. Во секој родител, наставник, воспитувач или ментор Виготски гледал можност за развој на детскиот потенцијал.

Неговата позната мисла и денес останува водилка за сите што работат со деца: „Она што детето денес може да го направи со помош, утре ќе може да го направи самостојно“.

Автор:
Психолог и логотерапевт (психотерапевт), посветен на унапредување на менталното… повеќе