Додатоци во исхраната: зошто е можно да немаат ефект  и како правилно да се користат

16 мин. читање

Во последните години, пазарот на додатоци во исхраната (или суплементи) доживеа огромен пораст. Витамини, минерали, пробиотици, омега-3 масни киселини, колаген — производите се безбројни, а ветувањата уште повеќе. Многумина ги сметаат овие производи за ,,магично решение” за сите здравствени проблеми. Но, зошто толку многу луѓе не забележуваат резултати иако редовно ги земаат?

Одговорот лежи во начинот на кој ги користиме — и во фундаменталното недоразбирање на нивната улога.

1. Што се додатоци во исхраната и која е нивната улога?

Самиот збор ,,додаток” (суплемент) ни кажува сè — нешто што се додава на веќе постоечка основа. Додатоците се наменети да ги пополнат празнините во исхраната, да поддржат специфични потреби на организмот или да надополнат состојби каде храната не е доволна.

Тие НЕ се замена за урамнотежена исхрана, НЕ се лек, и НЕ можат да ги поправат штетите од лошата исхрана и лошиот начин на живот.

Кога навистина имаат смисла?

  • Докажан недостаток (преку крвна анализа)
  • Рестриктивна исхрана (вегани, после бариатриска хирургија)
  • Специфични состојби: бременост, остеопороза, макуларна дегенерација
  • Зголемени потреби: спортисти, лица над 50 години, бременост

2. Главни причини зошто додатоците не работат

2.1 Лошата исхрана ја поткопува секоја суплементација

Очекувањето дека ќе постигнете значителни резултати со додатоците додека вашата исхрана е полна со рафинирани јаглехидрати, шеќер и процесирана храна, е исто како да сакате да наполните буре со дупки — едноставно не функционира.

Исхраната директно влијае на тоа колку добро организмот апсорбира и користи хранливи материи. Ако цревниот систем не функционира оптимално поради лоши навики во исхраната, ефикасноста на дури и највисококвалитетните додатоци веројатно ќе биде значително намалена и нема да се добијат посакуваните резултати.де штетен. Многу луѓе ги превидуваат потенцијалните интеракции меѓу суплементите, изложувајќи се на ризик од намалена ефикасност или штетни ефекти.

2.2 Погрешно очекување — суплемент наместо основа

Истражување од 2025 година покажа дека многу спортисти и активни луѓе се потпираат на додатоците без да ја земат предвид важноста на урамнотежената исхрана. Додатоците се ,,осигурување”, а не замена за целосни оброци.

2.3 Слаба апсорпција — земате, но не апсорбирате

Апсорпцијата зависи од многу фактори: состојбата на дигестивниот систем, времето на земање на суплементот, формулацијата на производот и комбинацијата со храна или лекови. Ако додатокот не се апсорбира добро, тој се исфрла неискористен — а со него и вашите пари.

  • Премногу или премалку желудочна киселина може да ја уништи апсорпцијата на одредени витамини (пр. B12)
  • Нарушениот микробиом и синдромот на ,,пропустливи црева” значително ја намалуваат апсорпцијата
  • Некои лекови ја попречуваат апсорпцијата на суплементите и обратно

2.4 Лош квалитет на производот

Регулативата за додатоците во исхраната е значително помалку строга отколку за лековите, па на пазарот постојат производи со полнила, тешки метали или неточни дози. Истражување на Clean Label Project од 2024 година откри дека многу протеински прашоци содржат тешки метали.

Изберете брендови со независна сертификација (NSF, USP, ConsumerLab). Избегнувајте производи со нејасни состојки или ветувања за ,,чудесни” резултати.

2.5 Земање на ,,се и сешто” без конкретна потреба

Следењето на трендови без консултација со здравствен стручњак е честа грешка. Тоа што функционира за некој друг, не мора да значи дека ќе функционира и за вас. Суплементите можат да стапат во меѓусебна интеракција, да се акумулираат до токсични нивоа, или да ги влошат симптомите доколку не се соодветни за вашата физиологија.

2.6 Несоодветно дозирање — повеќе не значи подобро

Многу луѓе мислат дека повисока доза значи поголема ефикасност. Реалноста е поинаква — вишокот на одредени хранливи материи може да биде штетен. Многу луѓе ги превидуваат потенцијалните интеракции меѓу суплементите, изложувајќи се на ризик од намалена ефикасност или штетни ефекти.

3. Честите грешки — резиме

Грешка 1: Земање без крвна анализа

Претпоставувате дека имате недостаток врз основа на симптоми. Лабораториски тест е најсигурниот начин да се потврди недостаток и точно да се утврди дали навистина ви треба одреден суплемент — особено за витамин D, железо и B12.

Грешка 2: Несоодветно време на земање

Земате витамини растворливи во масти (A, D, E, K) на празен стомак — без масти тие се речиси неискористени. Земате B витамини пред спиење — кај некои луѓе тие можат да бидат стимулативни и може да го нарушат сонот.

Грешка 3: Конкурентни хранливи материи

Калциум, железо и магнезиум користат слични патишта за апсорпција — земени заедно, се блокираат едни со други. Танините во чајот и кафето ја попречуваат апсорпцијата на железото.

Грешка 4: Непоследователност

Земате суплемент само кога ќе се сетите. За повеќето суплементи, постојаноста во текот на времето е поважна од совршениот тајминг.

Грешка 5: Игнорирање на синергија

Некои хранливи материи работат заедно: на витаминот D му треба магнезиум за да се претвори во употреблива форма; витаминот С ја зголемува апсорпцијата на железото од растителни извори; куркуминот е далеку поефикасен со додаток на пиперин (екстракт на бибер).

4. Како правилно да ги земате клучните суплементи

Омега-3 масни киселини

  • Земете со оброк богат со масти — тоа е задолжително, бидејќи омега-3 е растворлива во масти
  • Избегнувајте да ги земате на празен стомак или само со кафе
  • Идеален момент: ручек или вечера богат со добри масти (маслиново масло, авокадо)

Витамин D

  • Задолжително со оброк кој содржи масти за апсорпција
  • Наутро или напладне — може да го наруши сонот доколку се земе ноќе
  • Комбинирајте со магнезиум — го активира витаминот D и го поддржува метаболизмот
  • Витамин K2 е исто така важен — помага витаминот D да го насочи калциумот во коските, а не во артериите

Магнезиум

  • Магнезиум глицинат: подобра апсорпција, поповолен за стомакот, добар за спиење (земи навечер)
  • Магнезиум цитрат: добра апсорпција, може да помогне при запек
  • Магнезиум оксид: слаба апсорпција — избегнувајте
  • Не го земајте заедно со калциум или железо

Железо

  • Земете на празен стомак за максимална апсорпција — ако предизвикува гадење, земете со мала количина храна
  • Комбинирајте со витамин C за поголема апсорпција
  • Избегнувајте истовремено со кафе, чај, калциум или антациди
  • Земајте само ако имате докажан недостаток — вишокот на железо е штетен

Пробиотици

  • Земете на празен стомак или 30 минути пред оброк
  • Чувајте ги на ладно (доколку е наведено на пакувањето)
  • Постојаноста е клучна — ефектите се видливи по неколку недели

Коензим Q10 (CoQ10)

  • Растворлив во масти — земете со оброк
  • Убиквинол форма (активна форма) е подобро апсорбирана од убихинон, особено кај постари лица

Витамин C

  • Водорастворлив — може да се земе со или без храна
  • Поделете ја дозата: апсорпцијата на витамин C постепено се намалува со зголемување на дозата (вишокот се излачува), па поделени помали дози обично се поефикасни од една многу голема
  • организмот не може да апсорбира повеќе од 500 mg одеднаш — вишокот се излачува
  • Идеален распоред: 2–3 пати дневно во помали дози наместо една голема доза
  • Не земајте со железо ако сакате да го намалите железото; земете ЗАЕДНО ако сакате да ја зголемите апсорпцијата на железото
  • Во форма на аскорбинска киселина може да го надразни стомакот — изберете буферирана форма (натриум аскорбат) ако имате осетлив стомак

Цинк

  • НЕ земајте на празен стомак — предизвикува гадење; земете со оброк
  • Не комбинирајте со железо или калциум — конкурираат за апсорпција
  • Долгорочна употреба на висока доза може да предизвика недостаток на бакар — размислете за суплемент со бакар (Zn:Cu = 8:1)
  • Цинк бисглицинат или цинк пиколинат имаат подобра апсорпција од цинк оксид

Калциум

  • Максимум 500 mg по оброк — организмот не може да апсорбира повеќе одеднаш
  • Поделете ги дозите низ денот, НЕ сè одеднаш
  • Не земајте со железо, магнезиум или цинк — меѓусебно си пречат
  • Калциум цитрат: може без храна, подобра апсорпција за постари лица
  • Калциум карбонат: задолжително со храна (потребна желудочна киселина)
  • Секогаш комбинирајте со витамин D3 и K2 за правилна употреба на калциумот

Витамини од групата B (вклучувајќи B12)

  • Земете наутро или напладне — B витамините се енергизирачки и може да го нарушат сонот
  • B12: метилкобаламин форма е супериорна над цијанокобаламин (особено за вегани и постари лица)
  • Некои луѓе имаат генетска варијација (MTHFR) која бара метилиран фолат наместо фолна киселина
  • B витамините се водорастворливи — може да се земат со или без храна, иако со храна се намалува ризикот од гадење

Куркумин / Турмерик

  • Речиси нема биорасположивост сам по себе — МОРА да се комбинира со пиперин (екстракт на црн бибер)
  • Пиперинот ја зголемува апсорпцијата на куркуминот до 2000%
  • Исто така е растворлив во масти, па земете го со оброк кој содржи масти
  • Липозомален куркумин е уште поефикасна опција

Колаген

  • Најдобро на празен стомак — поефикасна апсорпција на пептидите
  • Комбинирајте со витамин C — тој е неопходен за синтеза на колаген во организмот
  • Хидролизиран колаген (пептиди) е подобро апсорбиран од цел колаген
  • Наутро или пред тренинг се популарни опции

Мелатонин

  • Помалку е повеќе! Почнете со 0.5–1 mg — повеќето луѓе земаат 5–10 mg, а тоа е премногу
  • Земете 30–60 минути пред спиење
  • не е наменет за долгорочна секојдневна употреба — користете го ситуациски (промена на временска зона, нарушен ритам). Долгорочната употреба треба да биде по препорака на лекар
  • Не комбинирајте со алкохол или седативи

Глутатион / NAC (N-ацетил цистеин)

  • NAC: земете на празен стомак или помеѓу оброците за оптимална апсорпција
  • Глутатион: липозомалната форма е значително поефикасна од обичниот глутатион во таблети
  • Не комбинирајте NAC со активен јаглен или антибиотици
  • Консултирајте се со лекар пред употреба ако земате лекови за разредување на крвта

5. Брз водич — табела на суплементи

Следнава табела дава брз преглед на најважните суплементи, оптималното време за земање, препорачаните комбинации и она што треба да се избегнува.

СуплементКога да се земаСо штоИзбегнувај
Витамин DНаутро/напладне, со оброк со мастиМагнезиум, K2, мастиНоќе, без масти
Магнезиум глицинатНавечер, пред спиењеВитамин D, B6Калциум, железо (истовремено)
Омега-3Со главен оброк (масти)Витамин EПразен стомак, само кафе
Витамин C2–3 пати дневно, со/без хранаЖелезо (за апсорпција)Голема единечна доза
ЖелезоПразен стомак (или со малку храна)Витамин CКафе, чај, калциум, антациди
Калциум цитратСо или без храна, max 500 mgВитамин D3, K2Железо, магнезиум, цинк
Калциум карбонатСо оброк (потребна киселина)Витамин D3, K2Без храна, со железо
ЦинкСо оброкБакар (долгорочно)Празен стомак, железо, калциум
B-комплекс / B12Наутро/напладнеМагнезиум, C витаминНавечер, пред спиење
КуркуминСо оброк со масти + пиперинПиперин (бибер), мастиБез пиперин и масти
КолагенНаутро, празен стомакВитамин CСо голем оброк
ПробиотициПред оброк / на празен стомакПребиотична хранаСо антибиотици (раздвојте 2ч)
CoQ10Со оброк со мастиМасти, витамин EБез храна
Мелатонин30–60 мин пред спиењеТемнина, рутинаАлкохол, долгорочна употреба
NAC / ГлутатионНа празен стомакВитамин C, E, селенАктивен јаглен, антибиотици

6. Практични совети пред да започнете

Направете крвна анализа

Пред да купите кој било суплемент, консултирајте се со лекар и направете релевантни тестови. Знаењето дека имате недостаток е само почеток — важно е и да знаете ЗОШТО го имате.

Прво ставете ја исхраната во ред

Ниеден суплемент не може да ги поништи ефектите на лоша исхрана. Фокусирајте се на цели намирници, разновидна исхрана, доволно протеини, добри масти и сложени јаглехидрати. Суплементите се за пополнување на специфични празнини — не се замена за основата, што треба да е здрава и балансирана исхрана.

Изберете квалитетни производи

Купувајте само производи со независна сертификација. Проверете ги формите на хранливите материи — на пример, магнезиум глицинат наместо магнезиум оксид; метилкобаламин (B12) наместо цијанокобаламин.

Ревидирајте го планот на секои 3–6 месеци

Вашите потреби се менуваат со текот на времето — начинот на живот, возраста, нивото на активност и здравствената состојба влијаат на тоа кои суплементи се соодветни. Она што имало смисла пред 6 месеци, можеби повеќе не е потребно.

Заклучок

Додатоците во исхраната може да бидат вредна алатка — но само кога се користат правилно, врз основа на реалната потреба, во соодветна форма и дозирање, и во комбинација со здрава исхрана и здрав начин на живот.

Не постои суплемент кој може да ги замени движењето, сонот, управувањето со стресот и урамнотежената исхрана. Суплементот е ,,додаток” — не основа.

,,Не сте тоа што го јадете — туку тоа што го апсорбирате.”

Извори:        

1. NIH Office of Dietary Supplements – Vitamin and Mineral Fact Sheets https://ods.od.nih.gov/factsheets/list-VitaminsMinerals/

2. EFSA – Food Supplements – https://www.efsa.europa.eu/en/topics/topic/food-supplements

3. Stanford Medicine. (2025). In search of clarity on supplements: Five myths worth busting. med.stanford.edu

4. iHerb Wellness Hub. (2026). Supplement Mistakes To Avoid For Better Results. iherb.com/blog

5. YouCare Lifestyle. (2025). 5 Common Supplement Mistakes and How to Avoid Them. youcarelifestyle.com

6.BodyBio. (2022). Do You Really Absorb Vitamins and Supplements? bodybio.com

7.The Wellness Nerd. (2025). 8 Supplement Mistakes That Could Hurt Your Health. thewellnessnerd.com

8. Alexandra Marie MSc. (2024). Common Supplement Mistakes. alexandramariemsc.com

9. Journal of the American Pharmacists Association. (2024). 65(1), 102304. doi:10.1016/j.japh.2024.102304

10. VitaBright. (2026). The Science of Absorption: How to Maximise the Benefits of Your Supplements. vitabright.co

11. Healing Pharma. (2025). Are You Taking These 3 Supplements Wrong? healingpharma.in

12. TopVitamine. (2026). 10 Supplement Mistakes That Could Be Hurting Your Health. topvitamine.com

Автор:
Др. Дарко Котев е специјалист по хигиена и јавно здравје. Има искуство со… повеќе